Министерството за образование и наука инвестира околу 5,5 милиони евра во унапредување на образовната инфраструктура во Охрид. Со поддршка на Европската Унија и УНДП, целосно се реконструирани и опремени Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“ и кабинетите и работилниците за практична настава во електр-машинскиот училишен центар „Св. Наум Охридски“, а следна голема инвестиција е темелната обнова на државниот студентски дом „Никола Карев“.

Ова го истакна министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, при денешната посета на гимназијата „Св. Климент Охридски“ во Охрид, каде заедно со претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, и градоначалникот Кирил Пецаков извршија увид во градежните активности за реконструкција на кровот и замена на столаријата во училиштето. Проектот го реализира општина Охрид и е вреден над 50 милиони денари.

-Честитки до локалната самоуправа за оваа значајна инвестиција, со која конечно ќе се надминат долгогодишните проблеми во гимназијата. Ќе нема повеќе протекување на кровот, студени училници во зима или неподнослива жештина во лето. Учениците и наставниците ќе добијат многу подобри услови за работа и учење, рече Јаневска.

Информираше дека за темелната реконструкција и опремување на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“ се вложени над 120 милиони денари. Дополнително, со 19,5 милиони денари се обновени кабинетите и работилниците за практична настава во електро-машинскиот училишен центар „Св. Наум Охридски“.

Следниот капитален проект, како што информираше Јаневска, е целосната реконструкција на студентскиот дом „Никола Карев“, инвестиција вредна околу 200 милиони денари.

-Студентскиот дом ќе биде целосно обновен, енергетски ефикасен и современо опремен, со услови какви што заслужуваат студентите. Очекувам и ново, одговорно раководство кое успешно ќе управува со установата и нема да создава непотребни долгови, изјави Јаневска.

Министерката посочи дека вкупниот инвестициски циклус на Министерството за образование и наука во Охрид изнесува околу 340 милиони денари, односно 5,5 милиони евра.

-Вакви инвестиции во образованието во минатото не се реализирале. Продолжуваме со уште поголема грижа за учениците, студентите, наставниците и сите вработени во образовните установи. Имаме јасна обврска да го модернизираме образовниот систем и посветено работиме на достигнување на европските образовни стандарди, порача Јаневска.

Exit mobile version