Министерството за образование и наука излезе со реакција на денешната прес-конференција на СДСМ, отфрлајќи ги како неточни обвинувањата дека учениците со попреченост се оставени без образовни асистенти.
Од МОН наведуваат дека претходната власт за седум години не успеала да обезбеди соодветна поддршка за сите ученици, потсетувајќи дека во 2024 година биле ангажирани само 800 асистенти во основното образование, додека во средното образование воопшто ги немало.
„Денес ситуацијата е сосема поинаква. Ангажирани се 1.358 образовни асистенти во основното и 166 во средното образование. Најмногу досега, а во тек е постапка и за ангажирање на дополнителен број на стручни лица кои ќе обезбедуваат образовна асистенција за децата, согласно пријавените потреби на нивните родители“, соопштуваат од Министерството.
Од ресорот посочуваат дека дополнително ги зајакнуваат стручните служби во училиштата, а паралелно се работи и на подобрување на физичката пристапност преку изградба на рампи и пристапни тоалети.
Како дел од новите системски мерки, од МОН издвојуваат дека е обезбеден континуитет во наставата за учениците кои се на подолго болничко или домашно лекување преку онлајн настава или индивидуална работа со наставник. Исто така, од новата академска година се воведуваат и нови стипендии за студенти со попреченост и ретки болести.
Во однос на затворањето на одделни училишта во руралните средини, од Министерството порачуваат дека тоа е директна последица од претходните политики поради кои, како што наведуваат, бројот на ученици за седум години се намалил за 17 илјади.


