Функционални младински совети, службеници, локални стратегии, канцеларии и одвојување на 0,1% од локалните буџети за финансирање на младински политики.

Ова се дел од обврските што произлегуваат од Законот за млади, кој во пракса слабо се применува, а во дел од општините грубо се крши – но никој не сноси последици.

Последната статистика на НМСМ покажува дека од 80 општини и Град Скопје, само 24 имаат формирано младински совети.

Но дури и за нив се поставува прашањето, колку се функционални?

Проблемите не застануваат тука.

Пристап до младински центри имат само 13 градови, а локални стратегии за млади креирале 17.

Иако во 57 општини се назначени службеници за млади, нивното назначување не секогаш значи и ефикасна поддршка за младите.

– Она што го забележуваме кај службениците со млади е од една страна дека претставува само уште една дополнителна обврска на нивниот редовен работен однос, значи тоа се веќе вработени во општината што со решение добиваат екстра обврски да бидат Службеници за млади, од друга страна некогаш го имаме недостатокот на вештини, коишто се потребни за работа со млади.

Министерството за социјална политика, демографија и млади иако постои две години, пред само три месеци започна всушност да крои политики за млади, кои допрва ќе треба да ги спроведува.

– Не се работело, тоа јавно го кажувам, затоа и признаваме, и веќе тргнуваме од тоа дека веќе имаме конкретен план како за се друго што опфативме во министерството, така и за младите. Јас знам дека за овие три месеци поставивме план не само за овие неколку работи што се однесуваат на локалните самоуправи, туку и за други проекти, изјави министерот Ѓоко Велковски.

Предложените измени со кои се предвидуваат глоби за градоначалниците кои не ги спроведуваат обврските од законот година ипол чекаат да дојдат на дневен ред пред народните избраници, а спроведувањето на Законот за млади останува без механизам за санкционирање на институциите што не ги исполнуваат законските обврски.

Exit mobile version