Владата денеска објави детален извештај на 81 страница за реализацијата на националната програма за одбележување на 35-годишнината од независноста на Македонија, која опфати 18 настани во 13 градови.
Како што беше презентирано, програмскиот концепт ги стави македонските уметници во центарот преку проекти како музичко-сценскиот караван „Силно светнал ден“, но и преку настапи на светски имиња како José Carreras, Steve Aoki, Paul van Dyk, Paul Oakenfold и централниот концертен спектакл со David Guetta на Националната арена „Тодор Проески“, кој привлече околу 50.000 посетители.
Финансиската структура покажува вкупна вредност од 340.509.749 денари, распределени во пет основни категории: 129.307.500 денари за хонорари на артисти и изведувачи, 96.272.512 денари за продукција, 58.527.037 денари за логистички трошоци, 53.570.250 денари за хонорари на соработници и 2.832.450 денари за маркетинг.
„Како Влада сметаме дека јавноста заслужува да има целосен увид во тоа што беше реализирано, кој беше концептот врз којшто се темелеше програмата, каква беше нејзината национална и културна вредност и, секако, како се распределени финансиските средства“, истакнаа од Владата при презентацијата на извештајот.

