Мислеле дека има богатство: Вандали уништиле камено корито - сведок на винарската традиција

 


Уништено е камено корито во Тиквешко, еден од првите садови за производство на вино, реагираше денеска во изјава за МИА, искусниот планинар Фено Наков. Тој потсети дека станува збор за камено корито од минатото што порано се користело за гмечење грозје во лозаровинарството, а во сегашно време може да биде атракција за промоција на винскиот туризам во најголемиот лозаровинарски регион во државата, Тиквешкиот. 

- Станува збор за каменото корито што се наоѓа во локалитетот Белград, еден од најпознатите вински месности во Тиквешко. Пред неколку години, некои мислеле дека под каменот мора да има нешто, па фатиле со булдожер и го превртеле. Сега, така превртеното корито го уништиле. Го избушиле на неколку места, по што дошло до кршење на неколку места, појасни Наков.

За мистеријата на таканареченото бабино корито, за МИА раскажа Мики Камчевски, професор по историја во Основното општинско училиште „Тошо Велков - Пепето" во Кавадарци. Тој рече дека на територијата на општината Кавадарци има неколку археолошки локалитети на кои се пронајдени многу значајни артефакти, што говорат за минатото на овој крај, тесно поврзани со лозаровинарството.

Професорот додаде дека еден од најзначајните археолошки локалитети е Белград, каде на околу 400 метри надморска височина, се наоѓа месноста Падарница, еден од најпознатите лозарски реони во целиот крај, со долга традиција, за што зборуваат бројните археолошки остатоци. 

- Во непосредна околина на Калина чешма, се наоѓа таканареченото бабино корито. Објектот претставува огромен камен од сив пешчар тежок триесетина тони, на горниот крај зарамнет во вид на плоча. На каменот со помош на длето и чекан се издлабени две корита. Поголемото со димензии 200 на 130 сантиметри, служело за газење на грозјето со нозе, а откако ќе се извршила таа операција, шурата низ канал се слевала во помало корито, кое собира околу 150 литри. Подоцна ширата со мешини или крбли се складира во питоси или бочви. Овој камен всушност претставува еден од првите садови за производство на вино, датиран од времето на антиката, подвлече младиот професор. 

За жал, нагласи, ловците на богатство или таканаречените диви копачи, немаат никаква почит кон културното наследство. 

- Со цел да дознаат дали под овој огромен камен има сокриено богатство, бидејќи кружеле муабети дека токму под овој огромен камен има закопано голема количина злато уште од турско време, со булдожер го поткренале коритото и тоа се стркалало во еден дол и застанало со отворот свертен кон земјата. Иако подоцна увиделе дека не станува збор за некакво закопано богатство, штетата веќе била направена, раскажа професорот. 

Сега, со бушењето и кршењето, штетата е непоправлива, додаде Наков. 

Од музеј на Град Неготино, велат за МИА,  дека не е првпат неовластени лица да вршат девастација на културното наследство и дека ваквите појави треба да бидат ригорозно санкционирани од државата.

07.10.2024 - 12:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега