Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска и утре престојува во Словенија, каде во Брдо кај Крањ ќе учествува на годишниот состанок на министрите за одбрана во рамки на Централноевропската одбранбена соработка (CEDC) со земјите од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Северна Македонија.
Мисајловски ќе учествува и на состанокот на неформалната регионална иницијатива за одбранбена соработка во формат Грац/Кремс, заедно со земјите од Западен Балкан.
Според Министерството за одбрана, на состаноците во фокус ќе бидат безбедносната состојба во Европа и можностите за унапредување на регионалната безбедносна и одбранбена соработка преку заеднички проекти и размена на искуства.
Ќе се разговара и за воената мобилност, управувањето со кризи, хибридните закани, заедничките обуки, како и за развојот на одбранбените капацитети и способности.
На средбите ќе стане збор и за идните активности насочени кон зајакнување на улогата на земјите од Западен Балкан во евроатлантската безбедносна архитектура.
За утре е предвиден и состанок на земјите членки на Балканските медицински наменски сили.


