По повод Меѓународниот ден на мирот и 15-годишнината од Програмата за мировно образование, Детската амбасада „Меѓаши“ денеска во Скопје ќе додели признанија на училишта кои имаат значаен придонес во развојот на мировното образование и градењето култура на мир.
Признанијата ќе им бидат доделени на СОУ „Ванчо Прке“ од Виница и СУГС „Зеф Љуш Марку“ од Скопје за нивниот долгогодишен ангажман во унапредувањето на мировното образование.
Свеченото доделување ќе се одржи во хотелот „Холидеј Ин“, каде што ќе се обратат претставници на Министерството за образование и наука, регионални координатори за мир и претставници на Детската амбасада „Меѓаши“. Наградените училишта ќе добијат парична награда од по 1.000 евра во денарска противвредност, како и специјална плакета по повод 15-годишнината од програмата.
Од „Меѓаши“ информираат дека Програмата за мировно образование започнала во 2011 година со три училишта, а денес прераснала во Мрежа на мировни училишта која опфаќа 75 училишта, повеќе од 350 наставници и над 8.500 ученици.
По свеченоста, на Плоштад „Македонија“ ќе се одржи јавна мировна активност со учество на околу 70 ученици, кои ќе испратат пораки за мир, ненасилство, солидарност и меѓусебно почитување.
Во рамки на настанот ќе биде изведен и танцово-театарски перформанс на Социјален танц театар, во кој ќе учествуваат ученици од СОУ „Гостивар“ и СУГС „Јосип Броз Тито“ од Скопје. Перформансот ќе биде посветен на врсничкото насилство и отпорот кон него.
Одбележувањето на јубилејот ќе продолжи на 22 и 23 септември со меѓународна размена на искуства меѓу наставници и мировни работници од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Косово. Во Скопје ќе се одржат работилници посветени на мировното образование, предизвиците со кои се соочуваат училиштата и можностите за негов понатамошен развој во регионот.


