Минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јануари изнесувале 66.413 денари, што претставува зголемување за 921 денар во споредба со декември, покажуваат најновите пресметки на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според структурата на синдикалната потрошувачка кошничка, најголем дел од буџетот оди на основни потреби. Само за храна и пијалоци биле потребни 24.211 денари, додека за подмирување на минималните режиски трошоци се издвоени 6.338 денари.
Состојбата е уште потешка за семејствата кои немаат сопствен дом. Доколку четиричленото семејство живее во изнајмен стан од 60 метри квадратни, минималните месечни трошоци скокаат на 81.788 денари. Поради континуираниот раст на трошоците на живот, ССМ го повтори своето барање за итно зголемување на минималната плата на 600 евра, како и линеарно зголемување на сите останати плати. Доколку ова не се исполни, Синдикатот најавува протести во наредниот период.

