Милошоски: ВМРО-ДПМНЕ утре ќе поднесе закон во Собранието за забрана на формирање здруженија поврзани со фашистичкиот режим или Третиот Рајх

Ставот на СДСМ е многу противречен. Сега го имаме основниот проблем тој е од каде што извираат сите овие провокации и каде наоѓаат основа. Тоа е двостраниот македонско – бугарски Договор за добрососедство кој се преименува во договор за не добрососедство во последните години, вели пратеникот и членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во вечерашното гостување во дебатната емисија „Анализа 24“ на Телевизија 24.

Тој истакна дека СДСМ го поддржуваат тој договор, го потпишаа, иако им се укажуваше на сите забелешки. Пет забелешки се дадоа на комисијата за надворешни прашања, а тие не ги прифатија.

„СДСМ реагира на тоа дека не се задоволни зошто се отвара овој или оној клуб, или пак зошто се бара преименување на првата или втората гимназија, но не реагира на основниот проблем дека самиот договор за добрососедство е на штета на Македонија и не само тоа тие не дозволуваат дури и граѓаните да се изјаснат на референдум“ , рече Милошоски.

Милошоски додаде дека се дава политичка форма на историјата, бидејќи го овозможиле ревидирањето на историјата како политички инструмент, а тоа ви го прави соседот дали директно или индиректно.

„Затоа ВМРО-ДПМНЕ утре ќе поднесе закон во Собранието за измена и дополнување на законот за регистрација на здруженија на граѓани каде ќе стои еден член дека се забранува основање или формирање на здружение кои според статут или според име ќе имаат било каква врска со фашистичкиот режим или со Третиот Рајх“, потенцираше Милошоски.

Милошоски во текот на своето гостување се осврна и на утрешниот протест во Охрид.

„Денеска имаше изјава на таа тема, ние сметаме дека граѓаните имаат полно право да го искажат своето незадоволство и жителите на Охрид, и тие на околните места кои што ќе им се придружат. Но, во секој случај би било добро тоа да биде на еден мирен и достоинствен начин. За да се покаже поголема демократска зрелост од оние кои што сакаат да не претстават во поинакво светло“, истакна Милошоски.

Милошоски запрашан за иницијативата која што треба да пристигне во Собранието дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи, одговори дека партијата секоја иницијатива која што доаѓа од граѓаните ќе ја поддржи.

„Таа е иницијатива на граѓани, не е иницијатива на партија. Како иницијатива на граѓани ќе дојде во Собрание, а ние кажавме генерално сме за секоја иницијатива која што ќе помогне да се кроегираат штетните членови од Договорот за добрососедство, а тоа се членот 8 и членот 12, или целокупниот Договор во целина. Оваа иницијатива се однесува на заклучоците од Собранието кои што се усвоени како според мене еден би рекол параван, зад кој што Владата сакаше да ја сокрие одговорноста или да ја сподели непопуларноста за поддршката на бугарскиот предлог во француски целофан. Но, ова нема да биде тест за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи нашиот став е добро познат, иќе продолжиме во иднина да даваме поддршка на такви иницијативи. Но, ова ќе биде тест за автократот Талат Џафери, дали тој ваквата иницијатива повторно ќе ја фрли во корпа и ќе изиграва Уставен суд“, нагласи Милошоски. 

 

06.10.2022 - 22:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега