Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа прес-конференција на која пратеникот и член на Извршниот комитет, Антонио Милошоски, изнесе обвинувања за селективно постапување и политичко влијание во рамките на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во интегралниот текст од прес-конференцијата, фокусот е ставен на одлуката за стопирање на истрагата за набавката на мазут вредна 167 милиони евра.

„Почитувана јавност, почитувани медиуми, По однос на скандалозната одлука на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, мазут вреден 167 милиони евра, може да констатираме дека таму функционира еден тандем. Тандемот се обвинителите Абази и Коларевиќ коишто се нешто како коалиција ДУИ-СДС, но не во собраниските клупи, ќе кажам во обвинителството за криминал и корупција. Дури и во прибирањето на докази можевме да забележиме дека овие обвинители биле селективни. Со вчерашниот демант на ЕСМ станува јасно дека обвинителите Абази и Коларевиќ повеќе се занимавале со земање на изјави од некомпетентни лица наместо да истражуваат сериозно и да обезбедат докази за оваа набавка на мазут скапа 167 милиони евра.“

Милошоски посочува дека обвинителите свесно ги занемариле официјалните наоди на Државниот завод за ревизија од 2024 година, во кои биле нотирани сериозни дефекти во ТЕЦ Неготино предизвикани од неквалитетен енергенс.

„Исто така може да се заклучи дека биле селективни и не ги ни прочитале извештаите на релевантните органи како што се Државниот завод за ревизија и слични на нив. Државниот завод за ревизија во 2024 година утврдил дека при оваа милионска набавка се испорачувал мазут од различен добавувач од оној којшто бил утврден во договорот на ЕСМ, ТЕЦ Неготино и добавувачот и второ, стручни лица од ЕСМ утврдиле дека мазутот бил со голем број на нечистотии коишто предизвикувале дефекти во мазутната станица на ТЕЦ Неготино. И покрај ваквата утврдена лоша состојба и квалитет на мазутот, сепак ТЕЦ Неготино склучил анекс за да може овој скап договор да ја достигне сумата од 167 милиони евра. Но очигледно е дека ваквите извештаи на Државниот завод за ревизија не биле забележани од Абази и Коларевиќ коишто поголемо внимание посветувале на изјави коишто им одговараат од некомпетентни лица наместо да ги земат во предвид релевантните извештаи…“

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека јавнообвинителскиот тандем ги штити поранешните функционери и сопартијци кои се јавуваат како осомничени во случајот, наместо да го заштити владеењето на правото.

„За Абази и Коларевиќ сметаме дека не се достојни на funkcijata да бидат во Јавното обвинителство за гонење на криминал и корупција, затоа што и двајцата имаат свои лични, семејни или политички долгови за нивниот кариерен напредок, а истите се поврзани со политичките партии ДУИ и СДС. Овој јавнообвинителски тандем Абази и Коларевиќ повеќе е приврзан за нивните ментори Заев, Ахмети и Венко Филипче отколку што е посветен на владеењето на правото и гонењето на организиран криминал и корупција. Со вакви обвинители осомничените како Васко Ковачевски, Јахоски, Сулкоски, Капушевски, Адријан Муча и други секогаш ќе бидат слободни луѓе, наместо да бидат изведени при лицето на правдата.“

На крајот од своето обраќање, Милошоски упати повик за институционална проверка на донесеното решение и порача дека вистината за овој тендер не може да биде сокриена од јавноста.

„Затоа уште еднаш повикуваме Советот на јавни обвинители да се позанимава со овој случај, да го истражи постапувањето на Абази и на Коларевиќ и да утврди кои намерни или ненамерни пропусти се направени… Истовремено сакаме да им порачаме дека нивната лукративна одлука или политички инспирирано решение да ја запрат истрагата нема да ја сокрие вистината и сите факти поврзани со овој скандалозен тендер ќе излегуваат на виделина. Сакале тоа да го направат или не сакале Абази и Коларевиќ. Сепак мислиме дека јавноста ја заслужува вистината, а секој којшто бил инволвиран и има сомнежи за висок криминал и корупција заслужува да биде процесуиран и својата невиност или вина да биде докажувана пред суд.“

Exit mobile version