Мицкоски: Заев негираше, Бугарија потврди дека барањето е анекс на Договорот

Опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски вечерва во вонредно обраќање истакна дека неговите информации оти Бугарија бара Анекс на договорот за добрососедство биле точни.

-Она кое што деновиве го говорев, а беше поврзано со еден нов документ, кој што за време на посетата на нашиот министер за надворешни работи господинот Османи во Софија било побарано од неговата колешка Захариева да биде потпишан повторно помеѓу владите на двете држави, Македонија и соседна Бугарија, а истото тоа беше демантирано експресно и беше прогласено како лажна вест од страна на министерот за надворешни работи, но и од страна на Зоран Заев, денеска доби краен епилог, а тоа е дека практично сето тоа кое што го говорев дека постои такво барање беше потврдено од страна на вицепремиерот и министерот за одбрана на нашиот источен сосед, господинот Каракачанов. Тој во денешното негово интервју јасно и децидно говори дека е потребен нов Анекс на договорот во кој што ќе бидат вклучени максималистичките и неевропски барања кои што беа содржани во меморандумот кој што го изгласа Бугарскиот парламент, таму некаде есента, ноември, октомври месец 2019 година, рече Мицкоски.

Според него, иако предупредил на време, тоа не било сериозно сфатено од страна на владата.

-Исто како што предупредував дека висок бугарски политичар за време на сесиите кои што ги имаме во Брисел на Европската Народна Партија ме предупреди и ми гарантираше дека сето ова кое што е дел од меморандумот на Бугарската влада и буграскиот парламент е всушност ветување кое што тогаш го дал Зоран Заев како опозиционен политичар, велејќи дека само да стане премиер и сите недоразбирања ќе бидат решени. Очигледно дека така лесно не иде. Го користам ова мое вечерашно обраќање да се обратам до македонските граѓани, до македонската нација од која што ќе побарам обединување околу ова прашање бидејќи со идентитетските прашања, со нашата историја, со историските факти, со нашите корени како народ, како држава која што го бараше своето место под сонцето овде во срцето на Балканот, во Европа, за корените на македонскиот јазик нема преговарање. Тие се факт кој што е непобитен, рече Мицкоски

Тој ја предупреди владата да не се дзнува да прифаќа ултиматуми кои што се неевропски.

-Ги предупредувам овие егзибиционисти во владата, овие есперанто политичари, да не се дрзнуваат да прифаќаат ултиматуми кои што се неевропски, бидејќи истите следната влада на ВМРО-ДПМНЕ не само што нема да ги почитува, туку никогаш нема да ги земе во предвид. Затоа ве молам, за трезвеност, ве молам за разум и трпение, Македонија, македонските граѓани заслужуваат меѓувладина конференција, заслужуваат отпочнување на преговори после сето она кое што го направија за Европа и европјаните. Македонија заслужува да биде дел од Европа, рече тој.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

03.11.2020 - 21:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега