Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес од Струмица по повод 36 роденден на ВМРО-ДПМНЕ кој се одбележува во градскиот стадион под мотото „Македонија забрзува, наша обврска“, зборуваше и за актуелната политичка ситуација во Македонија и за спорот со источниот сосед, Бугарија, посочувајќи дека до овој проблем дојдовме поради сегашната опозиција, која сега се наоѓа на политичката маргина каде уште долго ќе останат, која додека беше на власт коленичејќи пред бриселските бирократи потпишуваше бел лист хартија мислејќи дека тоа ќе им донесе победа на изборите во 2024 година.
„Но создадоа голем проблем, создадоа голем проблем на нашиот пат кон Европа. И да не беше тој проблем со реформите, политиките коишто ги испорачува оваа Влада, веќе ќе чукавме и ќе тропавме на портите на Европа.
Но, пред нас имаме договор кој не обврзува на нешто коешто никој од нас не помислува да го направи. Тој договор ќе нè потсетува вечно ан тој бел лист хартија којашто претходната влада го потпиша, мислејќи дека на тој начин ќе остане во владата и ќе ја добие милоста од тие коишто не гласаат, туку во суштина бира и казнува народ. А, народот нив ги казни и ги прати во опозиција“, порача Мицкоски.
Но, сакам јасно и гласно од овде, на овој 36-ти роденден на ВМРО-ДПМНЕ да испратиме една силна порака којашто ќе допре до секој еден во европската престолнина, во Брисел. Дека местото на овој народ, на граѓаните на нашата Македонија е таму, на масата во Брисел со нив како полноправна членка на Европската Унија. Но, драги браќа и сестри тоа нема да биде спринт или кратка трка. Подгответе се за маратон, затоа што ќе мора да се бориме да го исправиме она предавство и онаа капитулација којашто претходната најкорумпирана во историјата, македонска влада го направи за овој народ и за својата татковина. Подгответе се да се бориме и да се избориме за нашите од другата страна на границата да го остварат своето човеково право да регистрираат, конечно, своја институција под којашто ќе можат културно да се организираат“, порача Мицкоски.
Мицкоски повика сите гласно да испратиме порака до тие што ни велат дека ова е последното барање и последниот услов за продолжување на евроинтегративниот пат да донесат заклучок дека нема повеќе билатерални, дека е константа и факт македонскиот многувековен идентитет, култура, традиција, обичаи, јазик и дека нема повеќе никој да ја отвора таа тема.
„Нема цена, нема слава, нема моќ којашто може да ме убеди дека без овие работи ќе прифатиме било што. Ова е нашата црвена линија. Сите треба да не слушнат, гласно и јасно. Нема пазарење со идентитетот наш македонски. Доста беше“, порача јасно претседателот Мицкоски.


