Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето обраќање истакна дека во периодот од 2017 до почетокот на 2019 година партијата била изложена на, како што рече, жесток политички прогон. Тој додаде дека во тој период имало и предлози од тогашни челници на СДСМ за укинување на името на ВМРО со закон, што, според него, е незамисливо во 21 век.
Мицкоски посочи дека осум години подоцна се поставува прашањето каде е ВМРО-ДПМНЕ денес, нагласувајќи дека историјата е добар учител.
Тој оцени дека историјатот на ВМРО, со сите подеми и падови, кризи и нови почетоци, претставува патот што водел до формирањето на ВМРО-ДПМНЕ на 17 јуни 1990 година. Според него, партијата не е без корени, туку произлегува од долга и сложена историска традиција.
Во обраќањето, Мицкоски наведе дека самото основање на партијата било, како што рече, продолжение на историскиот континуитет на ВМРО, и дека и покрај притисоците од поранешни безбедносни структури, ВМРО-ДПМНЕ успеала да опстане и да се зацврсти на политичката сцена.
Тој додаде дека во првите години од своето постоење партијата била под силни притисоци, уцени и обиди за компромитација, но дека силата ја црпела од членството и од идеолошката поврзаност со историската ВМРО.
Според Мицкоски, континуитетот со историската ВМРО не е, како што рече, обична фраза, туку вредност вградена во темелите на партијата, која се потврдува во изминатите 36 години политичко делување.
Тој порача дека ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од политичка партија и „најголем македонски бренд“, кој претставува идеја што опстојува низ востанија, прогони, победи и порази.
Мицкоски истакна дека суштината на таа идеја е Македонија да биде своја, горда и почитувана, додавајќи дека таа има и традиција и иднина, и дека треба да се претвора во конкретни политики и резултати.
Тој нагласи дека обврска на партијата е да ја чува и унапредува таа идеја, оценувајќи дека ВМРО не е само дел од историјата, туку и основа за иднината на државата.


