Мицкоски за ДВ: Најголем чувар на Уставот е дадениот збор на пратениците

 

Тврдењата на Владата дека е заштитен македонскиот јазик и дека е обезбеден реципроцитет во процесот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во разговор за Дојче веле ги оцени како замајување на јавноста.

„Од власта нека не ја замајуваат јавноста дека договориле некаков реципроцитет. Тоа е кованица која им служи како алиби - дека еве и ние нешто сме добиле, а во ситуација кога раскрчмуваат сѐ што е важно за Македонија. Еве, ако толку барале реципроцитет, нека ни кажат што е тоа што го бара Владата на Македонија од Бугарија - да се признае македонско малцинство, тие да влезат во бугарскиот устав, да има промена на учебници во Бугарија или нешто слично, бидејќи сите овие работи Бугарија ги бара од нас. Протоколот го печатираше предавството и фијаското на македонската дипломатија, меѓу кој и јавното потврдување од бугарското МНР дека македонскиот јазик не е признаен од Бугарија. И тезата на власта дека Унијата го признавала - па нели и Бугарија е дел од Унијата, зошто тогаш не го признава јазикот кој е кодификуван и меѓународно признат многу години пред овој спор? Тоа покажува дека Владата ги продлабочи овие проблеми, но ништо не е готово и ние ќе продолжиме да се бориме“, вели Мицкоски.

„Пратениците во овој момент практично претставуваат чувари на Уставот, при што јавно се обврзаа да бидат гаранцијата дека ќе нема промена на Уставот и легитимирање на процесот на асимилација и бугаризација, кој го прифати и договори Владата. Знам дека многумина ќе влечат паралели со промените на Уставот врзани за промената на името и ќе нагласам дека сум свесен за тие коментари, но воедно ви посочувам дека ова не е 2019-та година, ниту пак ова е истиот пратенички состав. А најголема гаранција дека нема тоа да се случи - е јавно дадениот збор на сите пратеници, вклучително и моето верување во капацитетот на таквата одлука на пратениците. За мене, јавно дадениот збор е поголема обврска од кој било потпишан договор, но и покрај зборот, на иницијатива на самите пратеници се дадоа изјави заверени на нотар. Се разбира дека нотарот, пред да се потпишат, ја проверува нивната исправност и ни беше посочено дека истите се легитимни. Полемиката околу нивната издржаност не треба да биде дефокус од самата суштина, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ е гаранторот на неможноста да се донесат уставни измени со кои би се легитимирале спорните делови од предложената преговарачка рамка“, објаснува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

19.07.2022 - 12:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега