Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ на локални избори ќе излезе со добри и квалитетни кандидати, на СДСМ нема да им успее со мито и полнење на кутии да победат

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Нетпрес посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе на претстојните локални избори со добри кандидати. Но, јавноста не треба да се залажува дека и следните избори ќе бидат фер и според сите прописи. Повторно ќе има полнење кутии, делење картички, петти-шести пакет веќе, уцени, притисоци и закани. Сето тоа што се случуваше на предвремените парламентарни избори помножено со два. Неодамна изборите за градоначалник на Штип беа генерална проба за тоа.

– Ценам дека граѓаните се разочарани, граѓаните се преокупирани од ова политичко мочуриште коешто ни се случува веќе 30 години, во коешто тонеме од ден во ден. А, некако и се чувствуваат обесхрабрени, бидејќи не одиме напред, туку континуирано губиме. И кога сте дел од тоа политичко мочуриште, макар и како сведок, однадвор ги гледате работите коишто влијаат на вашиот живот, тогаш е нормално да се развие кај вас сево ова за коешто зборувам, и станувате полека аполитични, не гледате излез во моменталните политики. Од друга страна, пак, имаме кампања на СДСМ во којашто велат дека сите се исти. Зошто велат дека се сите исти? Токму поради тоа што вие го кажавте, дека ако надвладее перцепцијата во јавноста дека се сите исти, тоа значи дека ова разочарување кај граѓаните ќе биде сѐ поголемо. И тие така разочарани ќе бидат рамнодушни, буквално, за кого да гласаат. Затоа ние како опозиција се обидуваме да покажеме и да докажеме дека не се сите исти дека ние сме многу поразлични од СДСМ не само како луѓе туку зборам и како политика и како маинстрим политика, појасни Мицкоски.

Мицкоски додаде дека треба само да се спореди врвот на едната и на другата понуда. На едната понуда имаме аболиран политичар, човек кој го гледаме како бара мито „евро за евро“ кога беше градоначалник, човек кој за четири години буквално не направи ништо, се сеќавате ветуваше правда за секого, бројчаник на Триумфална капија. И на спротивната страна е универзитетски професор, човек кој е буквално бел лист хартија, кој нема за што да го нападнат па мораат да измислуваат, да тераат анти кампања да монтираат случаи како што беше тој со хидроцентралите, со теретана итн.

– ВМРО-ДПМНЕ е народна партија и потенцијалот на ВМРО-ДПМНЕ кога е во опозиција во отсуство на ресурси, невладеење со институциите итн. единствена начин е работа на терен и со народот. За жал, поради пандемијата бевме спречени да имаме поактивна кампања меѓу народот, да се мобилизираме повеќе имаше период на изолација, вонредна состојба сега кризна состојба, мерки итн. не можевме да работиме со сиот потенцијал, рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека првиот ден кога веќе нема да постои опасност од пандемијата, ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните ќе даде отпор на СДСМ, па и пакетчиња и картички и што сакаат нека делат затоа што тогаш ќе биде во својата природна средина на терен со граѓаните како народна партија. Тие се елитисти и тоа е голема разлика меѓу тие што се со народот и овие што го делат народот – едната се тие, а на другата сме сите ние народот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.01.2021 - 15:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега