Судиите со два проценти рејтинг треба да си заминат дома, вели премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој денеска најави дека по завршување на локалните избори ќе се знае каква акција ќе се преземе за прочистување на судско-обвинителскиот систем.
„Да почекаме да завршат локалните избори и ќе видите какви чекори ќе преземеме. Со два проценти рејтинг треба да си заминат дома, а не да бараат повисоки плати и повисок буџет“, рече Мицкоски кој денеска беше на средба со претставници на Стопанската комора на северо-западна Македонија.
Премиерот нагласи дека неговата критика не се однесува на сите и вели дека меѓу нив „има неколкумина измеќари кои го контаминираат целото обвинителство и судство“.
„Кога јас би имал два проценти рејтинг би си заминал, нема да се занимавам со ова што се занимавам“, кажа Мицкоски.