Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Тетово порача дека граѓаните и бизнисот треба да бидат спокојни, бидејќи Владата презема „робусни“ мерки за заштита на стандардот. Со одлуката за намалување на ДДВ-то на горивата од 18% на 10%, цените на бензинските пумпи се намалени за дополнителни 6,5 до 7 денари по литар, што носи дневна заштеда од над 200.000 евра за македонските семејства.
Мицкоски потенцираше дека доколку се интервенираше само во акцизите, намалувањето ќе беше незначително, па затоа е избрана оваа посилна интервенција директно преку буџетот.
„Ние сме една од ретките влади во Европа која директно од буџетот го поддржува стандартот на граѓаните. Моментно имаме убедливо најниски цени на дизелот и безоловниот бензин во целиот регион. Потрошувачката е зголемена за 150.000 литри на ден, бидејќи и соседите доаѓаат да полнат кај нас“, истакна премиерот.

