Премиерот Христијан Мицкоски денеска го посети производниот погон на текстилниот и машински гигант „АКТИВА Штип“, каде од прва рака ги виде резултатите од поддршката на Владата преку унгарскиот заем. Според премиерот, токму овие средства овозможиле компанијата да добие „нова физиономија“ и да инвестира во капацитети со голема додадена вредност за македонската економија.
„Задоволство е што како Влада учествувавме овој капацитет да се прошири. Сопствениците го искористија заемот за вложување во нови погони кои значат развој не само за Штип, туку и за целата држава“, истакна Мицкоски. Тој порача дека поддршката за домашните компании останува врвен приоритет на владината коалиција во пресрет на двегодишнината од мандатот.

