Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска за време на престојот во Виница појасни дека извршната власт на вонредна седница донела одлука за продолжување на антикризните сообраќајни мерки до 1 јуни. Со оваа одлука, како што нагласи премиерот, се гарантира заштита на стандардот на граѓаните и се овозможува цените на нафтените деривати во земјата да останат најконкурентни во целиот регион.
Владината одлука предвидува задржување на сегашните повластени даночни и акцизни стапки и во текот на следните две недели.
„Вчера имавме вонредна онлајн седница на Владата на која до 1 јуни ги продолживме мерките што значат намален ДДВ за бензините и намалени акцизи за бензините и за дизелот. Со тоа ние како држава повторно сме со најниски цени на бензините и на дизел горивата… Со одлуката на Владата и во наредните две недели ќе важи намалениот ДДВ од 18 на 10 отсто за бензините и намалената акциза од 4 денари по литар за дизелот и од два денари по литар за бензините.“
Мицкоски додаде дека менаџирањето со најголемата глобална енергетска криза досега се покажува како успешно, до толку што македонските бензински пумпи станаа дестинација за точење гориво и за жителите од соседните држави.
„Покрај сите ризици и покрај сите предизвици со кои се соочува светот ние во овие речиси три месеци од би рекол најголемата енергетска криза која се има случено не според моето кажување, туку и според кажувањето на претседателот на Светската енергетска заедница, како држава не само што успеваме да обезбедиме најниска цена за горивата, туку и практично да им ја понудиме на соседните земји, бидејќи голем дел од нивните граѓани од север, запад и југ доаѓаат кај нас да точат гориво. Како Влада ќе продолжиме во таа насока и понатаму.“


