Мицкоски со „Писмо до Македонија“: Нема да ве разочарам

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во последниот ден од кампањата за предвремените парламентарни избори на 15 јули со писмо до граѓаните во кое ги повикува да гласаат за опозициската коалицијата „Обнова на Македонија“. Во него истакнува дека и кон него не треба безрезервно да се верува, меѓутоа тврди дека е дојдено време за заминување на политичарите кои го разочарале народот.

-Вашиот глас ги менува работите. Со негласање им давате право на оние кои ве разочарале да продолжат да го прават тоа. Вашиот глас, пак, ни дава шанса, новата генерација политичари, политичари без хипотеки, да ги менуваме работите. Нам ни треба држава и власт која ќе ви служи вам. И нема идеална влада. Јас не ви ветувам чуда, но ви давам збор дека ќе работиме макотрпно и дека сигурно ќе бидеме подобри од оние кои сте ги гледале досега. Зашто ниеден успех не дошол без труд и многу пот, многу откажувања и упорност. И не е коцкање ако изберете некој непознат кој ветува успех, но е прокоцкување на сопствената иднина кога му давате втора шанса на некој кој продолжува да губи и да ве разочарува, наведува опозицискиот лидер во дел од писмото.

Тој, меѓудругото, вели дека коалицијата „Обнова за Македонија“ ќе донесе принципи и вредности по кои ќе се раководат политичарите.

-Триесетина години, од независноста до денес, лојални сте кон Македонија. Време е таа сега да ви врати. Како човек и како личност со име и чест врз која се потпира моето име, се обврзувам пред вас на обнова која ќе донесе подобрувања во првите сто дена од новата влада. Пред работниците се обврзувам за поголеми плати, пред невработените за обезбедување работа што ќе им овозможи пристоен живот и извесност. Пред пензионерите се обврзувам за повисоки пензии и помалку грижи во миговите од животот кога мирот им е најпотребен. Пред земјоделците да имаат платен труд и конечно да бидат свои на своето, а пред стопанствениците се обврзувам да обезбедиме пониски трошоци за правење бизнис, помалку даноци за државата, а повеќе пари за работниците. На младите им велам доаѓаат подобри времиња, се вели во писмото.

Мицкоски додава дека ќе се бори и за правда, но и дека во земјава ќе се донесат европските вредности, а со тоа и членството во ЕУ.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.07.2020 - 10:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа