Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, упати официјална честитка по повод 23 Мај – Меѓународен ден на Власите, со желби за мир, здравје, благосостојба и спокој во нивните домови.
Во рамки на празничното обраќање, премиерот Мицкоски стави посебен акцент на историската улога и културниот придонес на оваа заедница во земјава.
Тој нагласи дека влашката култура, традиција и обичаи претставуваат силен и препознатлив белег во севкупниот развој на државата.
Премиерот во честитката повика на заеднички ангажман на сите граѓани за унапредување на општествените вредности и економскиот напредок.
„Единството, толеранцијата, разбирањето се вредности со кои мора сите заеднички да се стремиме и да ги негуваме, затоа што само така ќе изградиме општество кое ќе се базира на меѓусебна почит и доверба“, порачува Мицкоски.
Како клучна цел на извршната власт, тој го посочи создавањето на подобри услови за живот кои ќе ги задржат младите генерации во земјава.
„Заеднички да работиме за просперитет и раст на Македонија, за сегашните и идните генерации да имаат услови да ја градат сопствената иднина тука, во својата татковина. Нека Ви е честит Националниот ден на Власите“, се наведува на крајот од честитката на премиерот.


