Сите институции се на терен, се преземаат мерки, се испитуваат мостри од водата.
Премиерот Христијан Мицкоски шокиран од случајот во Гостивар поради кој околу 1.200 луѓе побараа помош во гостиварската болница поради наводно загадена вода. Најави дека за овој случај ќе има одговорност.
-Имаме процес којшто го води и Обвинителството. Мислам дека многу скоро ќе се излезе со информација за тоа што се случило, кој е тој што дал наредба тоа да се случи и се разбира дека ќе има одговорност. Нема така да помине случајот, рече Мицкоски.
Вели дека е шокиран од случајот и оти не може да разбере како некои луѓе постапуваат.
-Не можам да разберам некои луѓе како може така дрско да се однесуваат и така несовесно да се однесуваат. Просто е неверојатно како така лесно ги прифаќаат овие работи и како се одлучуваат да прават вакви работи. Ова за мене е сѐ шокантно и со неверување е ова што некој го направил. Но ќе има одговорност, и таа одговорност нормално во рамки на судски процеси ќе треба да се контатира, рече Мицкоски.
Три пумпи со отпадни води беа пронајдени во главниот цевковод за питка вода во Гостивар. Случајот го истражуваат и истражните органи, и Институтот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство, како и други институции.


