Само во последните 24 часа 260 луѓе побарале здравствена помош во гостиварската болница, од кои 100 на Детскиот и 160 на Инфективниот оддел.
Министерот за здравство Сашо Клековски беше во посета на Болницата „Д-р Ферид Мурад“. Во моментот на неговата посета на лекување биле задржани седум пациенти на Детскиот оддел и 20 на Инфективниот оддел.
„Сите пациенти имаат слична клиничка слика – дијареја, повраќање, кај дел од нив и покачена температура и дехидратација. Третманот се спроведува со инфузии и симптоматска терапија. Три деца се задржани на набљудување“, соопшти Клековски.
Министерот посочи дека првите случаи биле регистрирани во доцните вечерни часови на 13 јули, иако не се исклучува можноста за појава на поединечни случаи и претходно.
Најголем дел од пациентите се од Гостивар, но заболени има и од Вруток, Чегране, Чајле, Дебреште и други околни населени места. Меѓу нив има пациенти од сите возрасни групи, а најпогодени се децата и лицата со хронични заболувања.
Во моментов, анализи спроведуваат Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје и Општата болница во Гостивар. Се испитуваат примероци од вода, крвни анализи и копрокултури, а водата се анализира хемиско-физички, бактериолошки и паразитолошки, вклучително и за присуство на тешки метали.
Клековски нагласи дека досега се земени само 18 епидемиолошки анкети и недоволен број копрокултури, поради што упати апел до граѓаните за соработка со епидемиолозите за да се утврди точната причина за појавата на големиот број заболени.
Според досегашните информации и анализи, неофицијално може да се исклучи храната како можен извор на проблемот, но конечните заклучоци ќе ги донесат надлежните епидемиолошки служби и институции.


