Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека повисоките цени на електричната енергија на европските берзи нема да значат поскапување за домаќинствата во Македонија. Тој најави дека Владата работи цената од јануари најмалку да остане иста, а се разгледува и можност за поевтинување или продолжување на евтината тарифа.

„Кај нас цената на електричната енергија што ја плаќаат граѓаните, откако е оваа Влада, не е покачена и така и ќе остане. Работиме од јануари, кога ќе почне новиот регулиран период, цената најмалку да остане иста, а да видиме дали ќе успееме да имаме и поевтинување или продолжување на евтината тарифа“, изјави Мицкоски.

Според него, енергетскиот систем е во подобра позиција пред почетокот на грејната сезона бидејќи акумулациите се на околу 50 проценти, а ремонтите во термоенергетските капацитети се при крај.

„Повеќе од три четвртини од подготовките се веќе завршени. На време го потпишавме и договорот со Косово за јаглен, со кој драматично ќе се намали цената на произведениот мегават-час електрична енергија во нашите производни капацитети“, рече премиерот.

Мицкоски посочи дека високите берзански цени во Европа се последица и на ниските водостои на реките, поради што биле ограничувани производствените капацитети на дел од нуклеарните, термо и хидроцентралите.

„Во Европа има денови кога цената достигнува и до 500 евра за мегават-час, а кај нас цената останува регулирана и ниту цент не е покачена“, изјави Мицкоски.

Exit mobile version