Премиерот Христијан Мицкоски утрово побарал итна и остра реакција од Министерството за внатрешни работи против сите лица кои вчера го нарушија јавниот ред и мир за време на протестите.
Револтот на демонстрантите, предизвикан од законските измени за одземање возила на лица без возачка дозвола, вчера ескалираше со блокади, палење гуми и вербални напади врз полицијата.
„Разговарав утрово со министерот. Тоа што го побарав од него е оној кој го прекршил законот, јавно упатил закани, го загрозил мирот и безбедноста на граѓаните – жестоко да се одговори. И ќе се одговори за да не се повтори тоа дивеење вчера што се случи“, беше дециден Мицкоски.
Премиерот порача дека безбедноста на граѓаните е приоритет и дека нема да се дозволи беззаконие на улиците.

