Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска присуствуваше на официјалното пуштање во употреба на целосно реконструираниот Студентски дом „Стив Наумов“, со што околу 1.150 студенти добиваат современи услови за сместување и студирање, опремени според највисоките стандарди.

Обраќајќи се пред присутните, премиерот нагласи дека Владата продолжува со решавање на наследените проблеми преку конкретни проекти и дело дела:
– Можам само да кажам дека проблеми има, наследивме илјадници би рекол проблеми, секој ден решаваме по некој проблем; еве денеска сме тука да присуствуваме на ова навистина прекрасно издание, студентскиот дом „Стив Наумов“., 1150 студенти овде ќе ја градат својата студентска иднина. Практично, условите кои што денеска ги имаат се на навистина како што некои од претходните говорници кажаа најдобри во регионот, можеби и пошироко. Навистина имаме европски услови, тоа кое што тие треба да го прават само да се посветат на учењето, да ги завршат студиите, се разбира и понатаму да го управуваат својот живот.
Осврнувајќи се на владините политики и меѓународната соработка, Мицкоски истакна:
– Она кое што ние како Влада го правиме додека некои седат и од страна само критикуваат без аргументи, нема поголем аргумент од испораката на проекти и исправање на пропустите и грешките од минатото. За жал се илјадници. Работиме по приоритети, работиме врз основа на можностите кои што ги имаме на располагање. Голема благодарност до нашите партнери, Германската развојна банка, Европската Унија, голема благодарност до колегите од Владата, до вработените во студентскиот центар, во студентскиот дом тука, за трпението. Наеднаш ќе имаме 1.150 нови легла, капацитет што досега го немавме.
На крајот од своето обраќање, премиерот најави нови капацитети веќе во текот на наредниот месец, со што вкупниот број на нови студентски места ќе надмине 1.500 легла.