Премиерот Христијан Мицкоски преку видео-обраќање од Давос ја информираше македонската јавност за активностите и средбите што ги оствари за време на денешниот ден на Светскиот економски форум, оценувајќи го како исклучително успешен и значаен за промоција на инвестициските можности на земјава.

– „Добар ден Македонијо! Добар ден од Давос“, го започна Мицкоски своето обраќање, во кое нагласи дека имал бројни средби со претставници на мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.

„Денеска имавме, би рекол, многу успешни и инспиративни средби, со голем број мултинационални компании, за теми кои што беа опфатени од областа на енергетиката, здравството и високата технологија“, истакна премиерот.

Тој посочи дека на средбите биле презентирани можностите за инвестиции во македонската економија, со фокус на долгорочна додадена вредност за граѓаните.

„Се разбира, од нашата страна беа претставени можностите за инвестиции во Македонија, во македонската економија, нешто што ќе значи додадена вредност за македонските граѓани“, рече Мицкоски.

Како особено значаен дел од денот, премиерот го издвои учеството на панел-дискусијата за енергетика, на која беше говорник заедно со американскиот секретар за енергетика, г. Рајт, и претставници на водечките светски енергетски компании.

„Но, тоа на кое што би сакал посебно да се задржам е вториот дел од денот, односно панелот за енергетика, каде што бев активен учесник и говорник, заедно со секретарот за енергетика на САД, г. Рајт. Панел, каде учество имаше буквално целото светско водство во енергетскиот бизнис“, нагласи тој.

Според Мицкоски, дискусиите биле фокусирани на идниот развој на производството на електрична енергија, при што издвои три клучни заклучоци од панелот.

„Првата работа е дека во годините кои што следат, потребата од енергија во светот ќе расте, но два ипол пати побргу ќе расте потребата од електрична енергија“, рече премиерот, додавајќи дека Македонија не смее да остане пасивен набљудувач и треба да ги реактивира проектите како Чебрен, Галиште, Бошков Мост и другите потенцијали за обновливи извори на енергија.

Вториот важен заклучок, како што истакна, се однесува на обемот на идното производство на електрична енергија на глобално ниво.

„Во следните десет години производните капацитети кои што треба да бидат изградени… ќе треба да произведат вкупно 40.000 терават часови електрична енергија“, посочи Мицкоски, потенцирајќи дека причината за тоа е забрзаниот развој на вештачката интелигенција и дата-центрите.

Во завршницата на обраќањето, премиерот порача дека Македонија мора да ја насочи својата економија кон диверзификација и посилно присуство во енергетскиот сектор.

„Тоа се трите факти кои што се многу важни и ние како држава тој чекор треба да го следиме… Јас сум убеден дека тоа како држава можеме да го направиме. Јас сум убеден дека ние како држава ќе успееме во таа намера“, истакна Мицкоски.

Exit mobile version