Мицкоски од Брисел: Бевме понижувани многупати, мојата генерација не се вљуби во такви ЕУ вредности
Премиерот Христијан Мицкоски кој е во работна посета во Брисел, во изјава за медиумите порача дека во минатото многупати сме биле понижувани.
„Ние сме тука да бидеме конструктивни, да останеме фокусирани на исполнување на оваа стратешка цел. Остануваме фокусирани да предлагаме решенија, и ако навистина има желба, тогаш има и начин.За време на ручекот еден од присутните спомена дека се потребни жртви да се направат во овој процес на интегрирање на регионот во рамките на Европската Унија. Јас само потенцирав дека правење жртва можеби за нас е и добар збор и политички коректен збор, бидејќи ние бевме жртва на многу понижувања во минатото. Пожртвуваност е нешто друго. Но, ние бевме понижени многу пати. Ќе ве потсетам во името на европските вредности променивме знаме, променивме банкноти, неколку пати Устав менувавме, менувавме име, што не направивме за да покажеме дека навистина сакаме да бидеме дел од европското семејство. И некој кога ќе ми каже ама тоа е rule of unanimity или правилото на еден глас, ве молам, тоа е ултиматум“, изјави Мицкоски.
„Не се тие европските вредности во кои што мојата генерација се вљуби. Јас сум подготвен со секого да разговарам, колку е тоа потребно, со секој буквално да разговарам додека не најдеме вистински пат, кој што овој пат нема да биде понижувачки. Да ни дозволат да ги јакнеме институциите и да ги збогатиме нашите капацитети како држава, тоа е она што го барам. Дали е многу? Јас мислам дека не е многу“, додаде премиерот.
19.09.2024 - 17:57
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа