Мицкоски на средба со специјалниот пратеник на Романија за Западен Балкан, Давидој: Власта е корумпирана, а институциите нефункционални
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски денеска заедно со потпретседателот на партијата Тимчо Муцунски остварија средба со специјалниот пратеник на Романија за Западен Балкан, Андриан Давидоју.
На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба, евроинтегративниот процес, како и поголема посветеност на Македонија кон безбедносни предизвици како земја членка на НАТО Алијансата.
Претседателот Мицкоски нагласи дека Македонија ја има најкорумпираната влада, информирајќи дека доказ за тоа се секојдневните афери и криминал во кои директни учесници се високите владини функционери и претставници од СДС и ДУИ, додека граѓаните живеат во сиромаштија, владините претставници ги полнат своите џебови со државни пари.
Во однос на безбедносните предизвици, претседателот Мицкоски истакна дека безбедноста на граѓаните и државата е загрозена, а владата многу неуспешно и ненавремено реагира, додавајќи дека институциите мора да се посветени на безбедноста, мирот и стабилноста на државата и граѓаните.
Воедно, Мицкоски посочи дека владата се обидува уставните измени да ги протне на сила, и целиот тој процес според него е нелегитимен, бидејќи владата нема мандат и поддршка од страна на граѓаните. Според Мицкоски, Македонија мора час поскоро да ги започне преговорите со Европската унија, но истите да се базирани единствено врз основа на европски критериуми и вредности.
Токму поради ова, како и криминалот и корупцијата, катастрофалната економска состојба, Мицкоски укажа дека е потребно одржување на брзи предвремени парламентарни избори.
На крајот на средбата, соговорниците се согласија дека соработката треба да продолжи да се развива.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа