Владата има цврст и стабилен мандат за реализација на ветените проекти до пролетта 2028 година, и тоа останува примарен фокус на владината коалиција. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, потенцирајќи дека граѓаните очекуваат целосно исполнување на предизборните ветувања пред воопшто да се размислува за нови изборни соочувања.
И покрај фокусот на редовниот термин, шефот на Владата испрати децидна порака до политичките противници дека владејачкото мнозинство во ниту еден момент не бега од соочување на гласачките места. Тој посочи дека партијата на власт е секогаш во целосна подготвеност експресно да одговори доколку биде предизвикана на вонредно соочување со граѓаните.
Одговарајќи на новинарски прашања при денешната работна посета на општина Сарај, Мицкоски се осврна на барањата и изјавите кои во последно време доаѓаат од таборот на опозицијата.
„Опозицијата е оптоварена бидејќи честопати кај нив работи Фројд и тоа е најголемиот проблем што мислам дека во моментот го имаат. Мојот став е јасен дека оваа Влада има мандат до пролетта 2028 година. Ние сме фокусирани на тој мандат и на тоа да го испорачаме она што граѓаните го очекуваат од нас, вклучително и вакви капитални проекти – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање при посетата на Сарај.“
Премиерот уште еднаш подвлече дека приоритет остануваат економските реформи и инфраструктурните зафати на терен, но ја повтори подготвеноста на својот тим за секаков предизвик.
„Но, се разбира, потенцира тој, доколку се предизвикани, тие се тука, подготвени да одговорат на тој предизвик.“


