Лицето кое минатиот петок успеа да им побегне на полицајците во Кочани е лоцирано и уапсено во Скопје. По неколкудневна потрага, бегалецот синоќа е повторно лишен од слобода, но со тоа не се затвора случајот за МВР.

Првиот човек на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, веднаш по апсењето испрати остра порака до јавноста. Тој потенцираше дека и покрај тоа што бегалецот е зад решетки, во полицијата веќе е отворена внатрешна истрага за да се лоцира одговорноста за срамниот пропуст.

Јанев преку социјалните мрежи ја потврди акцијата и децидно порача дека никој во системот нема да биде заштитен за невниманието.

„Законот важи за сите – правдата стигнува, а одговорност ќе има за секој пропуст. Синоќа беше детектиран, лоциран и лишен од слобода бегалецот од Кочани. По интензивна потрага, лицето кое во петокот побегна од просториите на Полициската станица Кочани е пронајдено и приведено во Скопје.“

Секој што придонел за бегството ќе сноси последици

Наместо да го сокрие пропустот зад успешното апсење, директорот на БЈБ најави дека внатрешната контрола на МВР веќе работи на случајот за да се утврди кој полицаец потфрлил во Кочани.

„Истовремено, сакам јасно да порачам дека со пронаоѓањето на бегалецот не завршува и нашата обврска за целосно расчистување на случајот. Внатрешната истрага продолжува и секој што со постапување или непостапување придонел за овој настан ќе сноси одговорност согласно закон и утврдените процедури. Должни сме да бидеме отчетни, транспарентни и да постапуваме со интегритет. Без разлика што лицето е повторно лишено од слобода, пропустите мора да бидат утврдени, а одговорност мора да има.“

Exit mobile version