Целосна посветеност на домашните задачи и навремена реализација на Реформската агенда побарана од Брисел беа во фокусот на утринскиот работен состанок меѓу владиниот тим и претставниците на Европската комисија, предводени од директорот за проширување Герт Јан Копман. Премиерот Христијан Мицкоски порача дека државата прави сè што е во нејзина моќ за да испорача конкретни резултати, додека оценката за напредокот и европската иднина останува на институциите во Брисел.
Според изјавите на претседателот на Владата, европските дипломати за време на разговорите потврдиле дека македонските институции се издвојуваат во целиот регион според динамиката на подготовка за роковите што истекуваат до крајот на годината.
„Посветени сме на реформите, ќе направиме се што зависи од нас, а останува на Европската комисија да суди дали реално заслужуваме да бидеме дел од Европската Унија на база на испорака, бидејќи велат оти тоа е процес што се темели на заслуга – колку испорачуваш, толку добиваш.“
Во однос на конкретните временски рамки и обврските што треба да се заокружат до крајот на 2026 година, од Владата посочуваат дека темпото на испорака останува приоритет во сите ресори.
За атмосферата и пораките пренесени од Европската комисија, премиерот го истакна следново:
„Имавме утрински состанок со луѓето од Брисел од одделот за проширување. Разговаравме сега за оние реформи коишто се дел од Реформската агенда во грејс период за декември и оние коишто се во нормален колосек до декември коишто истекуваат 2026. Ние сме единствена земја за волја на вистината од регионот којашто работи за реформите до декември, барем така тие го кажаа. Ние остануваме посветени на таа испорака. Со други зборови, ќе направиме се што зависи од нас. Нема да потпишуваме капитулации и бели листови хартија како што тоа го правеше претходната влада, а ништо да не испорачаат дома. Значи ние се ќе направиме што е поврзано со реформите, со нашата домашна задача и потоа оставаме на луѓето од Брисел, на Европската комисија да суди дали ние реално заслужуваме да бидеме дел од Европската Унија на база на испорака, бидејќи секогаш мене ми велат и таму кога одам на состаноци тоа го слушам дека ова е процес што се темели на заслуга, односно колку испорачуваш, толку добиваш. Еве ние ќе се обидеме да го заслужиме тоа преку испораката во реформите, понатаму ќе оставиме на нив – изјави Мицкоски.“


