Мицкоски – Јанша: Тим од врвни доктори од Словенија ќе ни помогаат во справување со коронавирусот

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на фејсбук објави  дека остварил телефонски разговор со премиерот на Словенија, Јанез Јанша околу справувањето во битката со коронавирусот, со оглед дека Словенија е првата земја која прогласи победа против пандемијата.

Мицкоски посочи дека побарал помош од Јанша, кој што бил подготвен да испрати тим од врвни доктори, доколку има волја од македонските здравствени власти. Потоа Мицкоски остварил и повик со министерот Венко Филипче за понудената помош од Словенија.

„Македонија во овие тешки времиња има пријатели и подадена рака.

Остварив телефонски разговор со премиерот на Република Словенија и претседател на сестринската партија СДС г. Janez Janša со кого разговарав за актуелната здравствена и политичка состојба.

Ја пренесов мојата загриженост за сериозноста на состојбата со корона заразата и со растечкиот тренд на новозаразени и починати што Република Македонија ја става на убедливо на првото место по број на заразени и починати по глава на жител во состојба кога таа бројка во регионот драстично опаѓа. Во исто време ја истакнав и пожртвуваноста на лекарите и медицинскиот персонал кој е непосредно во првата линија на борба против короната и надчовечките напори кои тие ги даваат, наспроти сериозните недостатоци во креирањето на мерки и начинот на нивното спроведување.

Разговаравме за словенечките искуства во справувањето со корона кризата, и фактот што Словенија беше првата европска држава која прогласи победа над вирусот. Токму затоа побарав од премиерот Јанша да испрати тим од доктори и експерти од Словенија кои ќе дојдат во Македонија и ќе помогнат во пренесување на своите искуства и знаења во надминување на корона кризата. Премиерот Јанша веднаш се согласи да испрати помош доколку за тоа постои волја кај македонските здравствени власти, тим на врвни доктори кои ќе ни помогнат во справување на состојбите.

Во таа насока остварив и разговор со министерот за здравство Венко Филипче кој го запознав со идејата и подготвеноста на премиерот Јанша да помогне. Тој ја прифати идејата и изрази уверување дека ќе обезбеди комуникација со словенечкото министерство за здравство за реализација на хуманата идеја.

Благодарност до Република Словенија и премиерот Јанез Јанша што повторно излегува во пресрет и поддршка на нашата земја. Ќе продолжам во рамките на моите сили и можности да се борбам за заштита на здравјето на нашите граѓани и справување на комплицираната здравствена состојба.

Апелирам до владата да ги искористи своите контакти и позиции и да доведе меѓународна помош која е добредојдена во овие моменти. Бројките се поразителни и укажуваат на тоа дека ни е потребна итна помош. Колку побрзо го признаеме тоа, толку повеќе ќе спасиме животи.“ напиша Мицкоски на фејсбук.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.06.2020 - 10:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега