Мицкоски: Гласот за СДСМ и Беса е глас за политичари од минатото и без нови идеи

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес заедно со генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата на кандидати за пратеници на коалицијата предводена од оваа партија во изборната единица 3, Игор Јанушев ја посетија општина Лозово.

При посетата Мицкоски истакна дека доколку граѓаните гласаат за СДСМ ќе гласаат за криминал, рекет и сиромаштија, а доколку гласаат за ВМРО-ДПМНЕ тогаш гласаат за работа, чест и достоинство.

– Ова не се обични избори, ова се избори на две различни политички партии во основа. Ова се избори каде што или ќе се поддржи злото, олицетворено во СДСМ и Зоран Заев. Или ќе се одбере чистината и доброто. Ова се избори во кои што народот избира дали ќе фати лево и ќе поддржи подвиткана кичма, понижувања, срам. Или пак ќе фати десно ќе го поддржи ВМРО-ДПМНЕ и ќе поддржи со тоа исправена кичма, достоинство и чест, нагласи Мицкоски.

Мицкоски додаде дека ова се избори во кои што граѓаните ако одберат лево ќе поддржат неправда, криминал и корупција или ако одберат десно и го поддржат ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржат правдина, нула толеранција за криминалот и корупцијата, и владеење на правото и законите.

– Гласот за СДСМ и Беса коалицијата е глас за политичари од минатото потрошени и истрошени без нови идеи. Гласот за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ е глас за нови политики и за луѓе кои што се мотивирани и знаат како да се справат со предизвиците до нивната крајна цел. А, нашата крајна цел е онаа Македонија за која што ние сите заедно сонуваме. Македонија која што ќе биде дел од европското семејство. Македонија во која што ќе царуваат вредности. Македонија во која што ќе владее правото и законите. Македонија во која што ќе се почитува Македонецот, рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека граѓаните ако гласаат за ВМРО-ДПМНЕ веќе во Македонија нема да царува криминалот, а власта да го сокрива криминалецот како што беше обичај на СДСМ.

– Луѓето од оваа власт продадоа се што имаше за продавање. И повторно денес ги слушаме со истата теза дека морало ова да се направи за Македонија да биде дел од Европа и за да подобро се живее, појасни Мицкоски.

Мицкоски рече дека на 15 јули потребно е сите граѓани да излезат на гласање „за да се спаси државата од рацете на криминалците, да се спаси од Заев и СДСМ“.

– Во програма „Проект-Обнова“ ќе најдете повеќе од 1.000 проекти. Тие се многу внимателно создавани, многу внимателно креирани од структурата на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалиционите партнери, многу експерти партиски определени и неопределени од земјава и од странство. Преку разговорите со граѓаните „За обнова на Македонија“ се создадоа исто така низа проекти. Сите вие, граѓани сте заслужни за тоа. Таму ќе најдете најмалку 25 отсто поголема просечна плата во еден мандат. Таму ќе најдете до 20 проценти поголеми пензии и враќање на стариот данок за зголемување на пензијата, кога пензијата два пати годишно растеше. Таму ќе најдете најмалку 1.000 километри реконструирани и нови патни правци локални и регионални. Таму ќе најдете најмалку четири милијарди евра директни и домашни и странски инвестиции. Невработеност под 10 отсто. Таму ќе најдете нула проценти данок за вработен млад човек до 29 години, објасни Мицкоски.

Тој за крај на граѓаните им вети дека сите проекти предвидени во програмата ќе бидат реализирани во текот на четиригодишниот мандат.

– Тие проекти ќе помогнат во подобрувањето на животот на граѓаните, но и ќе помогнат на Република Македонија, истакна Мицкоски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

07.07.2020 - 19:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега