Премиерот Христијан Мицкоски изрази сериозна скептичност во однос на постигнувањето консензус со опозициските партии за донесување на Изборниот законик, со оглед на тоа што денеска истекува крајниот рок за усогласување. Тој упати директен апел за одговорност до лидерите на опозицијата, нагласувајќи дека владејачкото мнозинство е подготвено без збор да го прифати секое нивно заедничко решение, под услов во него да биде обезбедено гласањето на дијаспората.
Првиот човек на Владата децидно ги отфрли обвинувањата од опозицискиот табор дека овие законски измени не се дел од реформската агенда за приближување кон Брисел. Според неговите зборови, ваквите тврдења се веќе официјално демантирани од највисоките европски претставници за време на нивните посети на Скопје. Мицкоски обвини дека дел од опозициските субјекти свесно кочат важни процеси, но порача дека стратешкиот пат на државата кон ЕУ нема да запре.
За време на денешната посета на општина Сарај, премиерот Мицкоски детално ја образложи позицијата на владината коалиција во однос на тековниот ќор-сокак во кој се наоѓаат преговорите меѓу партиите.
„Не сум оптимист затоа што имаме работа со неодговорни и незрели политичари во опозицијата. Ние како владина коалиција го усогласивме нашиот став и на маса им кажавме – еве, договорете се, напишете го, донесете го, сè додека гласањето на дијаспората е вклучено во него, ние бланко ќе го поддржиме. Поминаа денови, тие се натегаат кој кого ќе го викне и каде ќе се одржи тој состанок помеѓу опозицијата. Јас денеска, еве, ги повикувам на зрелост, на одговорност, и претседателите на ДУИ, на СДСМ, на Левицата, крилото на Зијадин Села, на Арбен Таравари, да седнат заедно како опозициски партии, да се договорат и нека донесат закон во кој е вклучено гласањето на дијаспората“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека доколку опозицијата најде заеднички јазик за содржината, од нивна страна нема да има никакви сопки во Собранието.
„Владејачкото мнозинство, ќе го прифати, без воопшто да полемизира на таа тема. Еве, покоректно јас, не знам што можеме ние како Влада да направиме.“


