Премиерот Христијан Мицкоски денеска остра реагираше на изјавата на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, кој тврди дека иницијативата за негово разрешување е политички мотивирана. Според Мицкоски, аргументите за работата на обвинителството се видливи за целата јавност.

Премиерот смета дека Коцевски имал шанса да направи промени, но за жал, не ја искористил.

„Ние не очекуваме од јавниот обвинител да каже, да виновен сум, не успеав во својата работа. Едноставно тоа е очекувано што тој го кажува. Така што, аргументите, еве јавноста ги гледа, јавноста сведочи за неговата работа, за работата на Обвинителството, на судовите. Повторно ќе кажам, малкумина за жал, и тоа е тој којшто е заробеник во рамките на Обвинителството“, рече Мицкоски.

Во однос на најавата на Коцевски дека ќе се спојат предметите за дивоградбите во Чаир, едниот отворен по допрен глас, а другиот по пријава на поранешната градоначалничка Данела Арсовска, Мицкоски порача дека доколку има криминал, не треба да има дилеми.

„Органите треба да си ги вршат своите работи, ако така одлучило Обвинителството тоа е нивна работа, немам што да коментирам. Доколку постои основа за било какви кривични дела, нема тука дилема“, изјави премиерот.

Exit mobile version