Премиерот Христијан Мицкоски повторно се осврна на неговата изјава за „талогот“ и „елитата“, по реакциите од СДСМ, порачувајќи дека опозициската партија самата се препознала во неговите зборови.

„Жалам што СДСМ се препознава во талогот, но јас многу прецизно реков дека талогот не смее да ја победи елитата. Ако талогот ја победи елитата и стане елита, тогаш вистинската елита ќе си замине, а тоа не е добро“, изјави Мицкоски.

Тој рече дека од СДСМ континуирано слуша навреди, обвинувања и, како што оцени, невистини, но дека никогаш не се жалел поради тоа.

„Без исклучок, сè е лага. Ниту еднаш не сум излегол на отворена сцена да плачам, цимолам и да се жалам пред граѓаните“, рече премиерот.

Според Мицкоски, јавните функционери треба да се справуваат и со, како што ја нарече, „лажна и клеветничка кампања“, а наместо да се жалат, да се фокусираат на резултатите.

„Ние сме јавни личности и треба да ги засукаме ракавите и да го испорачаме тоа што им е потребно на граѓаните. Тие нека тонат во нивното политичко мочуриште, а ние ќе продолжиме да испорачуваме“, порача Мицкоски.

Exit mobile version