Министерството за финансии изврши трансфер на нови 148,6 милиони денари или 2,4 милиони евра кон Развојната банка, соопштуваат од ова ресорно министерство. Како што информираат оттаму, станува збор за „средства наменети за поддршка на инвестиции во домашните компании“.

Од министерството додаваат дека со овој зафат значително се зголемува вкупниот износ на финансиски средства вбризгани директно во стопанството.

„Со последниот трансфер од централниот буџет кон Развојната банка вкупната сума којашто е пласирана во домашната економија за реализација на инвестиции од страна на компаниите изнесува 14,5 милијарди денари или 235,8 милиони евра.“

Во соопштението се потенцира дека крајната цел е заокружување на крупниот финансиски пакет и поттикнување на деловната активност во приватниот сектор.

„Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра.“

Според Министерството за финансии, овие кредитни линии се нудат под исклучително поволни параметри за македонските стопанственици за да се генерира долгорочен бенефит за државата.

„Средствата што ги обезбеди Владата и се пласираат кон домашите компани по поволни услови се во насока на реализација на приватни инвестиции, коишто ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.“

Exit mobile version