Изминатите две години Владата покажа дека реформите не се декларативна определба, туку конкретна работа што се мери преку резултати, економски показатели и создавање подобри услови за живеење на граѓаните, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски на заедничка прес-конференција со комесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос.

Премиерот ја потенцираше заложбата на државата за внатрешните реформи, но и очекувањата од Брисел во однос на проширувањето.

„Нашата цел е изградба на функционални институции, посилно владеење на правото, поефикасна администрација, конкурента економија. Тоа не го правиме зашто некој го бара од нас, туку зашто веруваме дека е единствениот исправен пат. Во тој процес ја цениме поддршката од ЕУ. Истовремено, очекуваме европската интергација да остане процес што се темели на јасни критериуми, на вредности и на исполнување на реформските обврски, а не процес оптоварен со билатерални прашања, кои создаваат неизвесност и фрустрација кај македонските граѓани“, рече Мицкоски.

Како што напомена тој, во овој контекст исклучително важно е да постои доверба дека целиот процес ќе продолжи според истите правила што важат за сите други кандидати и држави што биле кандидати.

„- Нашата определба останува непромента – ќе продолжиме со реформите, ќе ги зајакнуваме економијата, институциите и владеењето на правото. Остануваме доследни и на ставот дека секое трајно решение треба да биде засновано на заемно почитување, заштита на националното достоинство и јасна предвидлива европска перспектива – истакна прермиерот.“

Мицкоски заклучи дека денешната посета на еврокомесарката Марта Кос е одлична можност за отворен, искрен и суштински разговор за македонската европска перспектива.

„…за реформите што земјата ги спроведува и за потребата, како што нагласи, проширувањето да остане доследно на принципите на ЕУ – доверба, предвидливост, еднаков третман и почитување на достоинството на секоја држава кандидат.“

Exit mobile version