Битолското обвинителство покрена истрага против 31-годишен жител на Битола, кој се сомничи за производство и дистрибуција на детска порнографија. Случајот е дел од голема меѓународна операција предводена од Австралиската федерална полиција, која ги открила македонските корисници на спорни веб-страници преку нивните ИП адреси.
Она што дополнително ја згрози јавноста е фактот што осомничениот во критичниот период бил вработен во образовна установа. Според досегашните сознанија, тој од април 2024 година до 1 април 2026 година, на своите домашни компјутерски уреди набавувал и поседувал материјали со недозволена содржина.
Акцијата е реализирана во координација со Секторот за компјутерски криминал при МВР, откако пристигнало официјално известување од австралиските служби. За осомничениот веќе е поднесен предлог за определување мерка притвор до судот во Битола.

