Голема меѓународна полициска операција идентификуваше десетици сторители кои ги дрогирале и силувале своите партнерки, користејќи затворени групи за интернет-разговор за поттикнување на нападите. Како што соопштија Европол и британската Национална агенција за криминал (НЦА), а пренесе Си-ен-ен, жртвите во повеќето случаи биле успивани со седативи пред злоупотребата.
Во прекуграничната соработка наречена „Проект Медуза“, која започна во април, вклучени се криминалистичките служби на Германија, Велика Британија, САД, Бразил, Канада, Франција, Унгарија, Холандија и Шпанија.
Истражителите досега идентификувале 156 сторители и жртви, отвориле над 270 нови траги и уапсиле 57 осомничени, но НЦА предупредува дека вистинскиот обем на злосторствата сè уште не е целосно познат.
Полицијата посочува дека нападите често ги вршеле лица во кои жртвите имале целосна доверба, а многу од жените дознавале за силувањата дури откако биле контактирани од инспекторите.
Заменикот-директор во НЦА, Најџел Лири, ја нагласи сериозноста и начинот на организирање на овие криминални групи.
„Сексуалниот напад олеснет со дрога повеќе не е изолиран поединечен чин, туку сè почесто е организиран, спроведуван преку координирани мрежи и овозможен од дигитални платформи, што бара пософистициран оперативен одговор“, изјави Најџел Лири, заменик-директор во НЦА.
Службите откриле дека сторителите користеле енкриптирани сервиси за пораки и затворени форуми за да споделуваат визуелен материјал, да нормализираат насилно однесување и да разменуваат совети кои супстанции да ги користат за да избегнат откривање.
Водечката обвинителка за силување во британската Кралска обвинителна служба, Сиобан Блејк, упати остра осуда за карактерот на овие дела.
„Жртвите се изложени на страотни злосторства во сопствените домови, што претставува крајно кршење на довербата“, нагласи таа.
Оваа акција доаѓа по низа слични случаи во Европа, меѓу кои и пресудата против Доминик Пелико во 2024 година, како и неодамнешните апсења на поврзани сторители во Германија и Полска.


