Меџити ја доби првата битка со Груби - дали „првиот вицепремиер“ си го пакува куферот?

Дали ДУИ ќе му се заблагодари на Артан Груби па и тој заедно со Горан Милевски ќе си замине од Владата е прашање кое веројатно ќе добие одговор на седницата на партиските тела на ДУИ која е закажана за 15 октомври.

Прва победа на огнената група

Ахмети очигледно беше ставен во тесно па прифати партијата по речи си 3 години да избере нови органи.
-Денеска имавме разговор со долгогодишнте соработници, со нив сум поминал во многу битни процеси, во многу успеси. Разговаравме и во суштина дебатата се враќа внатре во партијата. На 15 октомври ќе има Централно собрание каде ќе се разговара за политичката ситуација, но и ќе се избере новото претседателство и веднаш истиот ден новото претседателство ќе се врати во седиштето на ДУИ каде што ќе меѓу другото ќе се разговара за политичката ситуација и ќе има отчет од владиниот состав на ДУИ, изјави Ахмети на прес-конференцијата придружуван од „Огнената група“ предводена од Муса Џафери, Блерим Беџети, Изет Меџити, Садула Дураку и Невзат Бејта.

Претседателство на ДУИ два дена пред седницата на Собранието

Датумот 15 октомври доаѓа за само 10 дена од денеска и веројатно има причина зошто по толку чекање интегративците сега решија набрзина да се состанат и да изберат нови партиски органи кои пак нема да имаат некој значителен простор за да владеат со партијата имајќи предвид дека ДУИ ќе оди на редовен конгрес во декември идната година.
Но, 15 октомври е датум кој доаѓа на само 2 дена пред пленарната седница на Собранието која Џафери ја има закажано за 17 октомври. На неа, отсега се знае дека ќе биде констатирана оставката на Горан Милевски па нема да биде никакво изненадување ако на оваа седница се констатира и оставката на Груби но и на уште некој министер од ДУИ по одлуки кои викендот претходно би ги донело Централното Претседателство на ДУИ.
Предводникот на „огнената група“ Изет Меџити вчера по средбата со Ахмети рече дека е задоволен од договореното без да прецизира детали дали тоа подразбира дека е договорено Артан Груби да почне да си ја пакува канцеларијата.
„ Дебатата ќе се врати во ДУИ, органите ќе одлучат за тоа што понатаму со нашите барања, рече Меџити.

Реконструкција на Владата

Ако дебатата резултира со заклучок ДУИ да му се заблагодари на Груби за ангажманот во Владата, познавачите на состојбите во Мала Речица се на став дека не треба да се исклучи можноста заедно со него да замине и уште некој министер на ДУИ.
Иако премиерот Ковачевски тврди дека реконструкција нема да има, и на Бихаќка отворено се зборува за проветрување на владиниот кабинет а во игра се неколку имиња меѓу кои Вицепремиерката Грковска, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и првиот човек во земјоделие Љупчо Николовски.
Секој од нив поединечно демантираше дека се разгледува нивна смена, но во ситуацијата во која во моментов се наоѓа Владата, нивните позиции немаат некоја поголема тежина, особено ако првиот министер се реши за некоја посериозна реконструкција на кабинетот која би вклучила и рокада на ресори.
Во СДСМ веќе подолг период се разговара за потребата од освежување, имајќи ги предвид слабите перформанси на Владата на речи си сите полиња. Првично планот беше освежувањето да дојде во пониските ешалони но, ако тргне возот во ДУИ, големи се шансите примерот да го следи и СДСМ.
Многу од овие дилеми одговори ќе добијат следниот викенд по седницата на Централното претседателство на ДУИ и Собраниската седница која доаѓа во понеделникот по овој викенд.

05.10.2022 - 10:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега