Мециновиќ: Парламентот изгледа како зоолошка градина кога Левица ќе ги спомене патните трошоци
,,Знаеш ли како изгледа парламентот кога ќе излезеш на говорница? Зоолошка градина! ВМРО седат пред нас со довикување, дерење, гестикулации, гримаси. И знаеш за што има најмногу гримаси и дерење? За патни трошоци", истакна пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, во интервјуто за „Лазаров подкаст“.
Во однос на темата за патните трошоци, кои им се исплаќаат на пратениците, пратеникот од Левица даде и дополнително образложение.
- Тоа најмногу ги боли - темата за патните трошоци. Затоа што тие 14 илјади евра што ги зимаат годишно, во 4 години ќе им станат 60 илјади евра. Секогаш кога им ги спомнуваме патните трошоци има реакција, како детето да сакаш да им земеш - појасни Мециновиќ.
Левица од самиот почеток се бори против функционерските привилегии.
- Ние не криеме дека сме анти-естаблишмент партија. Нашите пратеници не земаат патни трошоци, иако имаме пратеници од Гевгелија, од Струга, а пратениците на ВМРО од тие места земаат 500, 600, 800 илјади денари за патни трошоци. Нашите пратеници не земаат патни трошоци и фино си плаќаат кирија од своите пари. Логиката е, на таа плата, можеш сам да си ги покриеш трошоците. Зошто, кога на работникот никој не му плаќа патни трошоци, пратениците да добиваат? Имате разлика во плата, пет пати мислам - дообразложи Мециновиќ.
Според него, на функционерите им е удобно во системот кој си го имаат создадено и не сакаат тој систем да им биде нарушен.
24.01.2025 - 13:53
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа