Ќе се преземе се што е потребно за санирање на еколошките штети по пожарот во Трубарево, рече денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.
Како што изјави Меџити, се чека да се создадат услови за да се делува. Ќе се направат сите неопходни анализи на водата и почвата врз основа на кои ќе се преземат и соодветни мерки.
-Владата институционално делуваше и за кратко време успеа да се справи со огнот, со катастрофата. Луѓето кои беа блиску беа евакуирани, пожарникарите делуваа херојски и за еден ден се затвори овој проблем. Нормално, каде што има оган од такви размери има и загадување, затоа Министерството ги ангажираше и акредитираната лабораторија и приватни лаборатории. Има анализи и јавноста е транспарентно известена за состојбата. Ќе направиме се што е потребно за санирање на штетите. Чекаме да се создадат услови. Ќе има анализи на почвата, водата и на се што треба, па врз основа на тоа ќе се преземат соодветни мерки, истакна Меџити, одговорајќи на новинарски прашања по прмотивниот настан на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за скопски градоначалник.
Пожарот во Трубарево избувна во саботата, на 13 септември. Се запали објект со непрописно складиран отпад. Поради обемот и опасноста, пожарот не можеше да се стави под контрола. Зафати најголем дел од складираниот електричен отпад и објекти на подружницата за рециклирање. Согорувањето предизвика масовно испуштање чад, пепел и гасови во амбиенталниот воздух.