Маск го намалува своето време во владината комисија на Трамп: Се посветувам на Тесла

 


Извршниот директор на Тесла и близок советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Илон Маск, рече дека почнувајќи од мај ќе посвети многу помалку време на водењето на Комисијата за владина ефикасност (DOGE), која Трамп ја основа за да ги намали федералните трошоци.

„Веројатно почнувајќи од следниот месец, почнувајќи од мај, времето што ќе го посветам на DOGE ќе биде значително намалено“, рече Маск на конференцијата посветена на резултатите од првиот квартал на Тесла.

Тој додаде дека од мај ќе му посвети многу повеќе време на Тесла, тврдејќи дека „клучната работа“ на комитетот „во голема мера е завршена“.

Тесла вчера објави полоши од очекуваните резултати за првиот квартал, значително под влијание на соработката на Маск со администрацијата на Трамп.

Продажбата на Тесла ширум светот падна нагло од очекуваното во првиот квартал, со само 336.681 испорачани возила во април, што е пад од 13 отсто на годишно ниво.

„Како што е познато, моето време во владата го направи своето“, рече Маск. „Работата што ја работиме таму е навистина многу важна за контролирање на дефицитот што ја влече нашата земја, Соединетите Американски Држави, кон уништување“, тврди тој.

Тој додаде дека DOGE постигнал голем напредок во елиминирањето на отпадот и измамите и ги обвини „оние кои ги добиваат тие пари“ дека се причина за одмазда против Тесла и напади врз него и поврзаните со него.

Според финансискиот директор Ваибхав Танеја, неоправданото непријателство кон Тесла и нејзините вработени „имало влијание на некои пазари“. И покрај тоа, додаде тој, „успеавме да ги продадеме сите залихи на стари модели во САД, Кина и неколку други пазари во светот“.

23.04.2025 - 09:39

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега