Кузеска: Граѓаните едвај врзуваат крај со крај, власта нуди само шминка и измами

 


Поминаа десет месеци одкако ВМРО-ДПМНЕ е на власт. Десет месеци беа доволни да излезе на површина неспособноста, неодговорноста и целосната незаинтересираност на оваа Влада за животниот стандард на граѓаните. Македонија економски не оди напред како што ветуваше ДПМНЕ во кампањата. Економијата е заглавена, стандардот е урнисан, граѓаните едвај врзуваат крај со крај, истакна Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Владата, како што вели, наместо конкретни решенија, нуди измами и шминка.

„Потрошувачката кошничка само во март пораснала за нови 836 денари. Тоа е рекорден скок кој директно ги погодува семејните буџети. Денес, за да се покрие синдикалната минимална кошничка, потребни се речиси три минимални плати. Тоа значи дека едно семејство кое живее од минимална плата не може да си ги дозволи ниту најосновните трошоци – храна, лекови, сметки. Ниту задоцнетите замрзнати маржи од 10% не дадоа значителен ефект во контролата на растот на цените“.

Може да заклучиме, додава Кузеска, дека Владата во својата прва година од владеење јасно им покажа на граѓаните дека ниту планира да ги штити од идните економски ризици, ниту има јасен план што ќе прави за да го подобрува стандардот.

Оценува дека ова е економски најнеспособната Влада која сме ја имале.

„Платите нема да растат како што растеа до минатата година, минималната плата нема да расте, а за цените Владата нема соодветна стратегија. Резултатот е оној кој го гледаме, систематско осиромашување на граѓаните. Владата најавува нов начин на пресметка на кошничката – наместо за четиричлено, ќе се пресметува за тричлено семејство, а одморот во странство и овошјето ќе се третира како луксуз и ќе се исклучат од калкулацијата. Тоа е класичен обид да се манипулира со реалноста. Наместо да ги намалат трошоците на живот, тие ја менуваат методологијата за да ја сокријат вистината. Се што се прави од страна на Мицкоски и ДПМНЕ е во насока за замајување на јавноста, ставање на розови наочари за сите поубаво да гледаат, наместо поубаво да живеат. Оваа Влада е толку многу фокусирана на лажен ПР, што нема време да се занимава со реални политики и да се справи со реалноста. Ветуваа економски бум, зборуваа дека Македонија ќе биде економски тигар, но само за една година покжаа дека немаат капацитет нитува да ја направат економско маче. Нема инвестиции, нема раст, нема визија“.

Како што вели Кузеска, проекцијата на Меѓународниот монетарен фонд го потврдува тоа.

„Дека работите економски не одат, се потврдува и преку низа други постапки на Владата. Зошто со месеци не се прави поврат на ДДВ? Фирмите се жалат дека повратот е целосно закочен. Зошто се доцни со платите за вработените во администрацијата? Зошто нема реализација на унгарскиот кредит за кој граѓаните плаќаат дебела камата“.

СДСМ, како што најави Кузеска, нема да молчи пред оваа економска неправда.

Бараат веднаш да се преземат мерки за справување со ценовната криза. Да се обезбеди раст на минималната и просечната плата, во чекор со растот на трошоците за живот. Да се вложува во продуктивноста, во капитални проекти, во реална економија, а не, како што вели, во лажни пресови и лажни слики.

23.04.2025 - 12:50

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега