Маричиќ: Културата ја надминува политиката и ги зајакнува врските меѓу народите
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ во рамки на Самитот ,,Отворен Балкан" го отвори и водеше панелот посветен на соработка во областа на културата, на кој се обратија и министерките за култура на Северна Македонија, Бисера Костадиновска Стојчевска, Албанија, Елва Маргарити и Србија, Маја Ѓоковиќ.
-Наша обврска е да вложиме напори за зачувување на културното и во исто време да инвестираме во уметноста и креативноста на поединците како придонес кон развојот на културата, но и други области кои имаат директно или индиректно влијание врз култура, рече на панелот вицепремиерот Маричиќ.
Националниот ИПА координатор кажа дека соработката веќе е активна со соседските земји во областа на културата и предмет на финансирање од Европската Комисијата на многу скромен, но значаен начин, посочувајќи неколку проекти од прекуграничната програма.
-Со Грција тоа беше преку културен проект за финансирање на изучувањето на грчкиот јазик во Пелагонискиот регион. Исто така, секоја година фестивалот „Охридско лето“ нè потсетува дека зачувувањето на Античкиот театар, со средства од ЕУ, денес ни овозможува домаќинство на многу културни настани на единствен локалитет, а истовремено Охрид го прави автентичен во културното наследство, истакна Маричиќ.
За вицепремиерот Маричиќ културата е многу моќна алатка која ги надминува политиката, религијата, јазикот и се друго што не разделува, ставајќи акцент на програмата на ЕУ „Креативна Европа“ . која ги обединува уметници од целиот свет, и покрај разликите, и покрај границите, додаде Маричиќ на панел дискусијата на тема: „Отворен Балкан ја отвора културата“.
На крај испрати порака дека треба да се искористат фондовите на ЕУ за отворениот балкански регион за да се подобрат врските и односите на нашите граѓани преку културата и уметноста, со што ќе се даде наш придонес во културно богатата и диверзифицирана Европа, зачувувајќи го нашето културно наследство од минатото, а славејќи го она што е важно за нашата иднина.
Министерките за култура упатија пораки за интензивирање на културната соработка во регионот преку заеднички иницијативи и преку соработка со која ќе бидат рехабилитирани објектите кои се културно наследство преку проекти финансирани од ИПА, како и можностите кои ќе се отворат за уметниците и културните работници, но ќе придонесат и во развојот на културниот туризам во овој дел на Европа. Тие се согласија дека има бројни области во културата во кои има потенцијал за здружување и соработка со кои ќе се постигнат значајни резултати за целиот регион.
Во рамки на Самитот потпишани се четири меморандуми за соработка, од кои еден меморандум за разбирање за културна соработка во Западен Балкан.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа