ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата на СДСМ за наводни злоупотреби на директорот на СОЗР, Ивица Томовски, нарекувајќи ги „димна завеса“ за прикривање на криминалот на претходната власт.
Валентин Манасиевски на прес-конференција одговори на тврдењата за семејната фирма и тендерите, посочувајќи дека станува збор за невистини. Тој потврди дека Томовски е донатор на партијата, но нагласи дека тоа е јавен податок и не претставува кршење на закон.
„Прва лага: СДС тврдеше дека фирма на Томовски добила милионски тендери. Вистината е дека Томовски нема фирма и нема никакви приходи од споменатата компанија која и таа самата тоа го потврди. Втора лага: СДС велеа дека главниот број на фирмата е бројот на Томовски. Вистината е следна: службените броеви на компанијата се други, а личниот број на Томовски е негов со години. Трета лага: СДС тврди дека Томовски бил донатор на ВМРО ДПМНЕ и тоа било потврда дека тој имал бизниси. Вистината е следна: јавен и никогаш скриен податок е дека Томовски е донатор на ВМРО ДПМНЕ, и тоа не значи кршење на било каков закон“, рече Манасиевски.
Според ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата се обидува да измисли скандали бидејќи „текстовите им ги пишува Зоран Заев од Дубаи“.

