Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, денеска упати остри критики до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека неговата „проевропска шема“ не познава никакви црвени линии и дека ги негира македонските национални интереси.

Манасиевски посочи на изјавата на Рубин Земон, член на Извршниот одбор на СДСМ, кој во еден поткаст изјавил дека Гоце Делчев е „небитен“ и „мит“ кога станува збор за македонската државност.

„Да повториме, еден од темелите на македонската државност, Гоце Делчев за другарот на Филипче, е мит. Венко Филипче ниту се огради, ниту пак се изјасни за оваа изјава на Рубин Земон“, изјави Манасиевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Филипче јавно изјавил оти е подготвен веднаш да потпише уставни измени без никакви услови и гаранции дека тоа ќе биде последната пречка во евроинтегративниот процес.

Во соопштението се наведува и дека Филипче ги спинувал изјавите на европратеникот Томас Вајц, кој подоцна лично разјаснил дека актуелната Влада има значаен прогрес.

Манасиевски ги демантираше и тврдењата на СДСМ дека се изгубени средствата од ИПАРД програмата, посочувајќи дека Брисел потврдил дека парите се на располагање на земјоделците.

„Филипче не е морален авторитет да говори за европските вредности. СДС не е проевропски настроена, ниту пак Филипче е проевропски настроен“, заклучи Манасиевски.

Exit mobile version