Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на почетокот на изградбата на новата катна гаража во Охрид, при што направи преглед на клучните инфраструктурни проекти во регионот.

Тој истакна дека и покрај предизвиците со финансирањето, автопатот Кичево-Охрид се гради со несмалена динамика.

„Очекуваме согласно претходните најави да биде целосно пуштен од Кичево до Охрид, еве најдоцна да речеме првиот квартал од 2027 година. Беше откажан кредитот од страна на кинеската ‘Ексим’ банка, па со домашните комерцијални банки направивме синдикат и проектот ќе биде реализиран целосно до крај“, изјави Мицкоски.

Премиерот најави и поголем фокус на проектот „Плаошник“, за кој рече дека за жал не бил приоритет на претходните влади.

Тој појасни дека годинава се одвоени скромни средства за проектна документација, но вети силна активност на терен следната година.

Мицкоски упати благодарност до градоначалникот, пратениците и министерството за транспорт за заедничката работа на охридското крајбрежје.

Според него, со тековните проекти Охрид ќе ја добие физиономијата која ја заслужува како најголем туристички центар.

Exit mobile version